Змијата и чкрапјата
Змијата и скорпијата се препираат која е поопасна за луѓето и решаваат секоја да касне по еден човек. Излегува дека од змија луѓето умираат повеќе од страв отколку од самиот отров.
Паднале на разгоор змијата и чкрапјата (скорпијата) и го донесле разгоорот до препирање. Чкрапјата му вели на змијата оти таа ет многу лоша за луѓето, а змијата му рече оти чкрапите сет полоши од змиите, чунки кога ќе го ужилуаат некого чоека, со врвот од опашката не само еднаш ќе го дупнат, ами колку пати ќе очекорат, толку и ќе го дупнат во месото чоека.
— И нели се полоши скорпиите? — му рече змијата.
Чкрапјата откако се помисли малку, му одговори на змијата:
— Вистина, многу пати го дупнуам чоека со опашката, чунки таков ми е и адетот, ама едно ќе ме види чоекот оти јас сум го клукнала, веднаш ќе го ишмука со уста местото и ќе му оздравит; не ќе се уплаши од мене, при се што сум позеерлија од тебе и при сѐ што ќе го клукнам поеќе пати, ама вие змијте едно криво запче ќе му закачите на чоека и ќе го умрите, при се што ќе ишмука местото што сте му го ужилиле, чунки чоекот многу ќе се уплаши од вас, дека сте д'лзи и големи и ви излегло името лошо помеѓу луѓето.
Откако се попрепирале баеги време, ја донесле работата до опит.
— Ела — му рече чкрапјата на змијата — да се скриеме во една дупка од некоја врата и, сопрво, кога ќе дојдит некој чоек за да отворит мандалото со рака, јас ќе го клукнам за рака и за да видиш али ќе умри чоекот, али не; после ти да клукниш другега — и да видиме како ќе биди.
Сторија така и се пикнаа во едни дупки до мандалото. Од една градинцка врата дошол некој чоек за да отвори вратата, буцнал мандалото со рака, и чкрапјата го клукнала неколку пати.
— Ај натемати, чкрапја! — рекол и ја пласнал од раката долу и, без да је се уплаши, ишмука местото и — никому ништо — си оздраве.
— Е, виде? му рече чкрапјата на змијата — оти не умре чоекот; ај сега да појдеме во друга врата и ти да клукниш другега чоека за да видиме али ќе умрит али не.
Пошле во една друга врата и тамо змијата клукнала еден чоек за рака; кога се превртила од раката за да си откачи запчето прообесена како некое студено црево, и паднала наземи. Спискал чоекот од страоите незини до небеси:
— Ов! леле јас сиромав, змија проклета ме клукна, болештина до срце!
Падна чоекот и без да му текнит за да шмукнит местото со уста, по некој час му влезе отруачката в срце и си умре.
— Е, посестримо змијо, али виде оти од тебе поеќе луѓе умираат, при се што со едно запче 'и клукнуаш, а од мене помалку и при се што многу пати 'и клукнуам, ама чунким сум мала и црна на вид, како рак, секој не се страши од мене, како што се страши од тебе, чунки донекаде си колната и од Бога за секој што да те види, да се плаши и да вика со повик по тебе.
Така му рекла чкрапјата на змијата. Тогај змијата се увери оти вистина од страо незин умирале луѓето поеќе, а не толку од клукнувањето.