Волкот и магарето
Гладен волк сака да изеде магаре, а тоа го убедува дека го бара за кум на свадба и го носи право во селото. Приказната се смее на суетата и учи секој да си ја гледа својата работа.
Еден волк многу беше огладнел и од пуста гладост беше тргнал по планиње, по долиње, да дури по поле, близу до некое село. Ете ти од село надвор кај си одеше едно магаре, товарено со една погача топла и една карта вино. Таа погача и карта беше биле од еден селанец што ќе одел во едно друго село за да биде нунко, да венча зет со невеста. Магарето што беше се нашло само од село надвор на патот да оди пополека, себапот бил што беше си заборавил човекот нешто дома, да беше се вратил дома да си го земе. Не знам како му се сторило што се позабавил, да магарето што беше откачило баги место скраја.
Едно беше му се приближил волкот до магарето, беше го прерипал три пати од радост дека ќе го јаде.
„Легни, бре магаре, беше му рекол волкот, оти ќе те јадам“.
„Бре аман, кумче волче, беше му рекло магарето, како ќе ме јадеш, кога те барам посакум јас тебе, ја качи ми се горе на самар да извадиш од торбата белата топла погача и картата со рујното вино; повели, земи погачата изеј си ја и испиј ја картата со рујното вино и качи ми се на самарчето мое, да повели ми дома кај стопана ми, за да бидеш нунко, да венчаш зет со невеста. Оф, оф, кумче волче, што касмет сум имал јас што те најдов брго-брго, оти требаше да превртуам сите планиње и ридои за да те најдам, чунки така ми нарача стопан ми, или да те најдам, или назад да не се вратам без тебе, чунки стопан ми мој е коџабашија, така сето село го слуша. Да што касмет си имал кумче волче ти! Не е за кажуање веќе, блазе тебе, оти ќе бидеш нунко. Остај што на чело ќе седиш на трпеза и ќе јадеш се од јагниња џигерчиња, ами кога ќе приближиме до село, сето село ќе излезат да те пречекаат со песни и викотници и со бајраци; едни доземи ќе ти се наведуат и селам ќе ти прават со рака, да ваква чест, кумче волче, што ќе ти сторат денеска тебе, ни насон не си ја сонуал. Разбра сега, али не разбра? Прекрсти се и речи: „Боже поможи, од оваа чест, што ќе ти се даде денеска. Господ да ти даде уште сто катои поголема“.
Бидејќи кумче волче, беше се напил од виното што беше во картата, та беше се ошумоглавил во паметта, беше го надлагало магарето и беше се сторил каил да оди нунко:
„Ај, бре магаре, еве не ќе те јадам и ќе те поверуам, ама ако ме излажеш, парче по парче ќе те направам; тргај да те видам за в село“, му рекол волкот.
Тргнало магарето со брзина и дошло в сред село, та дало едно рикање што да може и не може. Кога виделе и чуле сопрво децата што играле стред село, се стрчале по дома и им раскажале на домашните. Кога разбрале селаните оти волкот в село на магаре како некој нунко им дошол, награбале пушки, секири, дрвја и стапои и му се пуштиле по волкот да го бијат.
„Море слези од мене, бре кумче волче, му рече магарето, не гледаш сето село кај трча да те пречека? Зер од самар сакаш да те симнат како некоа млада невеста? Слези, слези, не чекај до тебе да дојдат, оти ќе речат: „Дека е нунко, тики не слегуа од магаре, ами сака на раце да го симнеме“.
Кога ги чу волкот тие зборои од магарето, рипна наземи и магарето беше трештило да бега и беше се пикнало дома си.
Втасале селаните околу волкот и едни спопукале со пушки на него, други се расфрлале со камење и дрвја, на кума волчка ребрата беа му ги окршиле од ќотек и одвај беше се избавил од смртен час.
Трештил да бега од село надвор што да може и не може, плачел, колнејќи го волкот магарето, дека го излагало. Бегајќи, волчко беше се напикал во еден врбуњак, за да се почини малку од пустото лошо бегање. Застанал да се мисли и сам со себе си зборуа:
„Е, е, да има некој човек од мајка роден да да ме фати за опашка, тики да врти, да удри, да врти, да удри и да не каже зошто ме бие. Мори главо, мори тикво, што ми треба мене да бидам нунко и да одам в село, ами ич волк на пазар ич бидуа да оди, да и јас со умот од магарето ти кинисав да ми ги скршат коските и да ми ја одерат кожата. Ами ни татко ми бил нунко, ни пак јас ќе бидам. Волк пастрма не треба да чува, ами кај да си најде, таму да си јаде“.
Уште арно-арно не беше ги дорекол збороите, и беше го грабнал еден човек, — што беше се нашол во врбњакот да си бере прачки за кошеи да си плете, — за опашка и да го врти околу себе и да го удира одземи. Кога го врте, го врте, дури му се скина опашката, та така беше се исчепил пак жив:
„Уѓе нека ми е. Што си барав, тоа си најдов“, беше велел волкот и беше пошол во највисоката планина.
Кога беше го виделе волците без опашка, беа му се развикале:
„Дујда, куша без опашка, дујда, куша без опашка!“