Јанко, мајка му и самовила
Мајката го прашува Јанко каде оди секоја вечер со коњот поткован со сребро и злато. Тој ѝ кажува дека оди во пустина кај посестрима самовила, која го заколнала да не кажува каде оди.
- „Леле, Јанко, мили сину!
Ќе те питам, ќе те прашам,
Сакам право да ми кажеш;
Сека вечер коња ковеш,
Плочи тураш чисто стребро,
Клинци тураш водно злато;
Вечер идеш, заран дојдеш;
Да ми кажеш, каде одиш?“
- „Мори, мамо, стара мамо!
Лели прашаш, ќе ти кажам -
Одам, мамо, у пустиња;
Тамо љубам посестрима,
Посестрима, Самовила.
Она ме је зак’нала
да не кажам, каде одам!“