На кинисуење
Синот заминува со пушка на Пирин и ја моли мајка си да не плаче. Ветува дека ќе го развее бајракот над селото и ќе ја избави од ропството.
Позапри, мајко, затрај се,
доста ме, леле, испраќа,
доста си солзи излеа
по тиа пусти патишта.
А туку, мајко, погледај,
погледај, леле, послушај,
како ми пилци запреа
песни сред пролет радосна:
како ми вода затраа,
темни ми карпи писнаа,
а гора лисја пророни
од твојте тажни гласови.
Ја, мајко, тргнаф, заминаф,
куса си пушка нарамиф,
планина Пирин развила,
бајрак се вее сред неа;
Ја ке го, мајко, дофанам,
над село ке го развеам,
та ке те, мајко, куртулам
од тоа ропство крваво.