Цане и ламјата

Царот ја ветува ќерка си на оној што ќе го спаси народот од страшна ламја, а многу јунаци веќе загинале. Сиромашното момче Цане не е силно, но е итро, и приказната покажува дека умот вреди повеќе од силата.

Во една планина имало една страшна ламја. Големи пакости правела на околијата: на луѓе и на имање. Големи поплаки од народот му иделе на царот. Многупати царот аскер праќал да ја убијат таа лоша ламја. Арно ама не можеле да ја убијат, чунки таа била многу страшна и силна: ни куршум, ни сабја ја убивало! Голема мака му била на царот, дека не можел да ја сотрие таа страшна ламја. Најпосле издал заповед по сета царска земја, кој ќе се најде и нафати да ја убие ламјата, ќе му ја даел ќерка си за невеста. Од таа таксувачка на царот, многу момчиња беа пошле да ја убијат ламјата. Арно ама сите беа изгинале и назад не беа се вратиле.

Си било едно момче не толку јунак, ама многу итро и преитро. Тоа беше чуло царската заповед, за кој ќе ја убие ламјата, ќе му ја даел ќерка си за невеста.

— Мајко мори, знаеш што сакам да правам или не знаеш? — му рекло на мајка си. — Јас ќе ти одам да ја тепам ламјата. Или жива ќе ја фатам и на царот ќе му ја донесам, за ќерка му да му ја земам и богат да се сторам, чунки со оваа пуста сиромашија не се излегува на глава.
— У-у, синко Цане, ами што те поулавил господ, сполај му! Што ќе одиш да ја тепаш ламјата и да си загинеш млад и зелен? Ами ти бре, синко Цане, зер не си чул, оти сите јунаци момчиња, што отидоа, назад не се вратија? Кога такви јунаци отидоа и од ламјата загинаа, да ти, синко Цане, што си ми слабодушно, не ќе загинеш? Немој, синко Цане, не кајдисуј си на младостта да загинеш и мене сиромашка да оставиш!

Цане никако не беше ја послушал мајка си, само беше и рекол:
— Проштај ми, мајко, и биди раат, оти јас не ќе да загинам, ами на царот зет ќе му се сторам.

Така и рече на мајка си и му отишол кај царот. да му сака изим да ја отепа ламјата.

— Ајде, бре Цане, дете слабодушно — му рекол царот, — оди, ама неќум да ја отепаш ламјата, ами жива да ми ја фатиш и во ковчег затворена да ми ја донесеш, за да не ме уплашиш, оти јас многу се страшам од ламја, та после ќе те сторам еден домазет.

Му се поклони Цане на царот и тргна по планиње да ја бара ламјата. Овде, онде по планиње, дошол близу до сараите на ламјата. Се прибрал до портата на сарајот и се стуткал како некое сиромавче. Шетајќи низ двор ќерка и на ламјата, кога шетала, го видела Цанета и отрчала да го види.

— Што бараш овде, бре момче, — му рекла, — на портата? Зар не те е страв од ламја тебе?
— Страв ми е, сестро моја — ѝ рекол Цане, — туку пуста сиромашија моја и гладост ме донесла да одам и на душманот на портата, како што рекле стари: „Кој паѓа в море, и за змија се фаќа!“ Та од тоа, мила моја сестро, ќе те молам да ме прибереш и да ме даруваш да ручам, та ако сакаш и да ти измеќарувам, дори сум жив, само од мајка ти ламјата да ме скриеш или да ме одмолиш да не ме јаде.

Беше му се смилило на ламичето за Цанета, дека плачел со горешти солзи, и го прибрала внатре. Откога влегол Цане во сараите од ламјата, засукал поли-ракави, грабнал метлата в раце и смел сите одаи, смел широки двори и суправил сета куќа, ја наредил како некоја кукла. Кога виде ламичето од Цанета изметот, голем ќеф беше сторила и сама со себе си велела: „Кај ми го донесе господ ова момче, да ме одмени од тешката суправа на куќата.“

Вечерта го скрила Цанета да не го види мајка му ламјата кога ќе си дојдела од лов, за да не го изеде. Неколку Дни така, што го крила ламичето Цанета, и една вечер беше го одмолила од мајка си да не го јаде. Асли тоа бараше Цане. Он, кога беше се ослободил Цане пред големата ламја, беше слободен да слуша што ќе зборуваат мајка и ќерка. Поминале неколку дни и не знам зашто се скарале мајка и ќерка, та ја тепала големата ламја малата. Плакала, жалила малата ламја, од инат што и било, фатила да кажува само со себе: „А, мори мајко, ах мори, јудо, дека ме најде помала, тики ме биеш; јас знам за тебе, што треба: да појдам кај царот и да му кажам, за да направи еден ковчег, што да нема ни ѕирка, ни проѕирка, та да те затвори внатре и да ми те загуби. Ете, така треба за тебе, ама нема кој да ти го стори, та да видиш ти како ме тепаш мене без никаков кабает“.

Откога ислуша Цане зборовите од ламичето, застана да си дума и да си мисли со каков марифет да ја фати ламјата. Дума, шеста, издума, и туку една вечер беше се исчепил од кај ламјата. Одел, одел низ планина, нашол еден јагленар, кај што правел јаглење. Му се молил на јагленарот да седи неколку дни при него, за да му помага, јаглење кога ќе прави. Работил Цане, дури се исцрнил во лице и до алишта, веќе како арап се сторил, што никој да не го познава. Зел секирата и теслата од јагленарот и отишол во планината, кај што била државата на ламјата. Нашол едно дрво суво внатре, шупливо, и фатил да го сече. Так-так, со секирата, так-так, го сечел дрвото. Чула ламјата куќањето и одлетала таму.

— Што го сечеш тоа дрво, бре јагленару? — го прашала ламјата.
— Царот умре, тетко, тики ковчег ме пуштија да му направам, да го закопат; туку не знам дали ќе има некоја ѕирка, што да се наѕира? Те молам, тетко, ако не ми сториш едно добро да влезеш во ковчегот, да видиш да не има проѕирка.

Одошто го пизмеше ламјата царот, без да преслага, влезе да види во ковчегот, дали има некаде ѕирка. Итриот Цане тоа го бараше и му удри капакот одозгоре и го заклучи. Веднаш го дигнал на рамо ковчегот Цане и му го однесол на царот.

— На, честити царе, ламјата! Дај ми ја ти ќерка ти! — му рекол Цане.
— Така те сакам, бре Цане, јунак да бидеш и зет да ми си! — му рекол царот.

Цане се оженил и народот од ламјата се ослободил.

← Тројцата браќа што ошле на туѓина

Лошата жена што го натисна ѓаоло во бунаро →

Nepokor.mk - vecna borba, nepokoren duh! Najgolem izbor na makedonski patriotski proizvodi na edno mesto. Od makedonski znaminja, makedonski dresovi, maici, dukseri, bluzoni do stikeri, sisinja i drugi proizvodi za patrioti. Posetete ne sega!