Лошата жена што го натисна ѓаоло во бунаро

Маж ја намамува својата лоша и инаетлива жена да падне во сув бунар, а таму таа го фаќа ѓаволот за рогови. Ѓаволот од страв му ветува богатство на мажот ако го спаси, па излегува дека од лоша жена се плаши и ѓаволот.

Една лоша жена и многу инаетчија сеедно се караше со мажа си и до најпосле премисли мажо да 'а сотри, та така да куртулиса од неа. Ја излагал еден ден и ја однесол кај некој сув бунар и го послал шума одозгора, да не се познаа оти је бунар, та је рекол:
— Немој да те мачи грео, жено, и да седниш на шумарон.

Чунки беше инаетчија жената и се напротив одеше со мажа си, тики коа је рече да не седи на шумаро, таа појде и седна за инат на шумаро и се јаландиса во бунаро, паднала долу и, имајќи во бунаро еден ѓаол, паднала на ѓаоло и го грабнала со обете раце за рогои. Беше се уплашил ѓаоло од жената до немајкаде; таа врескај, тој пискај, таа лути се и врескај, тој пискај што го грло течи и се молел за некој да појди и да го куртулиса од таа лоша жена, полоша и от аспида, та ќе му сторел една голема добрина — што ќе се чудел!

Слушајќи мажо таа писканица од ѓаоло и молба, дошол до устата од бунаро и наѕре да види кој вика така и коа гледа — жената му држи еден ѓаол за рогои. Едно го виде ѓаоло чоеко, и дал вик по него:
— Аман, бре чоече, поможи ми да ме куртулисаш од оваа проклета жена, да ќе ти сторам едно добро што да се обогатиш едночудо.

При сѐ што беше ѓаол, па го пожали него ошто неа, чунки илљала беше сторил од неа, ошто била инаетчија. И зел еден прат, та мавнал неколку пати по раце на жената си и го пуштила ѓаоло. Летнал наугоре ѓаоло и многу му благодарил задека го куртулисал од жената:
— Знаиш, пријателе, што добро ќе ти напраам што ме куртулиса од таа аспида? Ќе земиш едно шише и ќе налеиш од девет извори вода, та јас ќе појдам при царо и ќе му го поболам уото, што крај да не можи да си најди од болештина; сите еќими да не можат да го оздравеат, а пак ти ќе викаш пред царцкио палат: еќим, еќим! — и ќе те викнат да го лекуаш; тури му две-три капки од водата и ќе оздравеит. Сакај пари колку ти душа сака, да живеј ти и дечињата царцки. Слушај и друго што сакам да ти кажам: јас ќе одам и при некој друг цар да му зболам уото, чунки јас сум определен за цареите да 'и мачам. Да ако те повикаат кај некој друг цар, ти да не идиш при него да го лекуаш оти после ќе се расипиме. Ти знаиш оти ние ѓаолите сме за пакос родени, а не за добро; доброто што ти го чинам сега од немајкаде е и можи да ме суди сатаната за ова добро што ти го сторив јас тебе. Ама нејсе, ај си со здравје сега, како ќе ми поможи мене к'смето, така ќе биди.

Откоа се одделија чоеко и ѓаоло, чоеко налеа од девет извори вода и отиде пред царцкио конак да вика:
— Еќим, еќим!
Едно беа го чуле од сарај, и излегле да го викаат и да го прашаат што знаи да лекуат.
— Само од уо знам да лекуам — му рекол.

Отрчале кај царо и му кажале оти еден еќим знаел само од уо да лекуа. При сѐ што имаше околу царо едночудо еќими што го лекуале, па изим му даде да го викаат и тој еќим што викал по сокаци: еќим, еќим! — чунки од никоја билка не беше видел сељамет да му тивни болештината. Отишол при царо чоеко, и го зел на колено, та му капнал една капка од водата и на часо сети, оти ќе му папса болештината; втората капка уште поарно, треќата капка коа му капна, веќе совршено беше му поминала болештината и на часо беше си заспал као јагне, чунки неколку дни и ноќи не беше заспал. Сите замолчија, да не нешто го разбудат, најпосле го кладоа на перница и спал дваесе и четири саати. И едно беше се разбудил царо од соно, го побарал еќимо да го види. Му го донесле и го клал до себе, та многу му благодарил за доброто што беше му го сторил.

Голем бакшиш беше му дал и со најпрвите нишани го наредил, та го назначил за прв еќим да јет во царцкио палат. Му подарил и еден најголем сарај само тој да живеит. Си прати по децата да му дојдат и се прежени за цареа сестра, што била вдоица и се курдисал да јади и да пие царцки и господарцки. И се прочул по сета земја за билката што ја имал за уо лекуање.

По некое време отишол ѓаоло при некој друг цар и му го зболил уото, што крај да не можи да си најди од болештина. Чул царо за еќимо што го излекуал тој цар и му пратил една книга да го моли, да му го прати негојио еќим, да му го излекуа уото. Не можејќи царо од ат'ро да му излези, го викнал чоеко и го накитил со најубаа руба, како царцки еќим, да се прослави тамо кај што ќе оди, и го испратил. Го зеле аскеро и тебабијата од другио цар со голема чес и слава и го однесле тамо. Едно се преставил пред царо и му се јавил ѓаолот со една голема лутина, ватил да му ја врти глаата и да му се вали, да раскинуа со заби и со нокти.

И му шепнал во уото:
— А, бре чоече, оти не слушаш јас што ти реков тебе, ти да не идиш кај друг цар да лекуаш, оти лошо ќе патиш. Ја крши си глаа одовде, оти сега те раскинав!

Откоа го ислуша чоеко ѓаоло, се усука и се најде во небрано. На часо беше му текнало да се отми и му рекол со низок глас, као уплашен:
— Ти се молам, ѓаоле, не викај толку многу да не те чуе жената ми, оти ене 'а надвор кај ме чека мене да излезам и да 'а прошетам низ овој град, да го извиди.

Коа 'и чул ѓаоло тие зборои од чоеко, беше 'лцнал од што се уплашил и беше трештил да бега низ пенџериња и невиден бис се сторил, од пусти страв што имал од лошата жена што беше го јавнала во бунаро и го ватила за рогои.

Откоа избегал ѓаоло, влегол при царо и му турил од водата две-три капки во уото, и му оздравело. Коа се видел царо оздравен, голема радос сторил и голем бакшиш му дал: тоа нишани, тоа бовчал'ци, тоа пари, веќе од мерата надвор, и го испратил да си оди кај другио цар, пак со голема тебабија и чес.
Дојдуајќи си кај првио цар, и тој со голема чес го пречекал и многу се израдуал оти го излекуал другио цар.

Е веќе сега тој је првио еќим при царо. Седејќи некој месец, му дошло на умо да го запали сарајо кај што седел и да рече оти му изгорела билката, та ако дојди некоја нужда, да нема да лекуа веќе ништо, чунки се боеше од ѓаоло да не му ја расипи билката и да му излези лагата на мегдан.

Откоа изгоре палато, му се кажало на царо оти на еќимо му изгоре палато: царо за палато не му било гајле, ами само за еќимо му беше гајле, да не нешто изгори и после да остани без него. На часо дал заповед да му се даи друг сарај, уште поарен, на еќимо да живеји. И си седна чоеко во другио сарај да си живеит со дечињата пашаиши, да дури бил жив.

← Цане и ламјата

Nepokor.mk - vecna borba, nepokoren duh! Najgolem izbor na makedonski patriotski proizvodi na edno mesto. Od makedonski znaminja, makedonski dresovi, maici, dukseri, bluzoni do stikeri, sisinja i drugi proizvodi za patrioti. Posetete ne sega!