Мечката и мравите
Мечка им се настрвува на мравите и не им дава да излезат по храна. Мравите се договараат и ѝ копаат стапица, па приказната покажува дека малите со слога го совладуваат и најсилниот.
Една мечка беше им се настрвила на мравите да ги јаде и ништо живо не ги оставала да излезат на бело видело за да си збираат јадало. Од кога видоа многу зорт мравите, се собраа и сториле еден мезлич, за како да се избават од лошата мечка. Една рекла вака, друга инаку, најпосле сите дошле во еден збор, за да ископаат една голема дупка длабока, а озгора да остават колку два прста земја, што да не се познава оти е долу шупливо, и да се наредат озгора на тоа место троа мрави, за колку да ја подлажат.
И вистина така сторија. Мечката барајќум секаде мрави, одвај таму беше ги видела и со трчаница ошла да ги јаде. Едно стапила на место и пљум внатре паднала, опнала, опнала, за да излези, не се можело, чунки била дупката баги длабока. Ја закачиле мравите отсекаде и ја умртвиле, та ја изеле како леб и сол.