Врапците кога се правеа цареи
Врапците на еден трн се туркаат и секој вика дека е цар, додека не ги нападне сокол, а тогаш никој веќе не сака да биде цар. Приказната ги исмева оние што се големи само кога нема опасност.
Едно време беше се собрале врапците на еден висок трн и секое велело: „Јас сум цар, бре, јас сум цар“. Секое врапче цар се правело и викало што го грло течело. Секое што било на поголемо гранче го туркало тоа што било на подолното гранче, и од кога ќе го турнело, ќе се наречело цар. Сите викале:
„Цареи сме“. Викале, врескале, ѓурултија правеле како во авра евреите, кога да ги пеат псалтирите. Кој што ги видел и чул, сѐ се смеел на нивниот будалштилак, дека се правеле на висок трн цареи.
На тоа згора беше ги чуло врашкото сокле и беше втасало со голема сила, та беше ги нападнало да ги јаде. Грабнало едно — испердушило, грабнало друго — искинало и го изело, грабнало треќо и си го однесло на седело, да си нарани соколињата мали. Во тоа време страшно за врапците, од кај што се правеа сите цареи, фатија да му се прават на соколот чифчии, велејќи кога бегаа од трнот и се криеја вака:
„Чив, чив, чив, чив сум“ (чивчија сум кажуале). Секој се откажуал од цар да биде пред соколот и се правел чивчија, страва ради соколова.
Од кога си се најало соклето и си отишло, фатиле да излегуат врапците од кај што беа се искриле низ дупките и фатиле да се прашаат едно со друго:
„Џив, џив, џив“ (море, али си жив, бре).