Страчката со страчињата
Страчка ги учи младите да бегаат штом видат човек да се наведнува по камен. Страчињата ѝ велат дека е подобро да летнат уште кога ќе го здогледаат човекот, па мајката сфаќа дека се поитри од неа.
Беше си извела една страчка пет страчиња. Откога беше 'и изгледала, почнале веќе да летаат и си и повела по неа за да летаат. Еднаш како што си стојале на една топола, врлило едно дете со едно камче на нив и уште малку ќе 'и удреше. Летнале од таа топола и отишле скраја на една друга топола и си застанаа по гранчињата.
Тогај почнала мајка му да 'и поучуа и да му велит вака:
— Слушајте, синковци и ќерки ми! Од денешната напара, што ќе ве удреше детето со камен и ќе ве отепаше, требат за отсега вамо да си отворите очите и да се чуате од луѓето и поеќе од децата. Кога да стоите на некое дрво или наземи, да се вардите од секаде. Со глаите да се вртите и едно видовте некој чоек, а најпоеќе некое дете, за да се наведуат, да знаите оти камен ќе земат за да врлаат на вас. И вие не чекајте да се испраит чоекот, али детето — летнети си.
Откоа ја ислушале страчињата мајка си, и рекоа:
— Ами ако си го имат каменот в пазуа и да не се наведуат и да врлат за да не удрат, од ненадејно? Не чини, мори мајко, едно да видиме чоек близу до нас и да си летниме, одошто да чекаме да се наведуат и после да летаме?
— Еј, еј синковци, јас залудо се мачив за да ве учам — му рекла мајка му — да бидите итри; како што ве чув, вие сте знаеле поеќе од мене, многу поарно за да се чуате. Лели така, отсега вамо не ви берам гајле за да не ве отепат некој чоек.