Глушецот и жабата
Глушец ја моли жабата да го пренесе преку река, а таа го врзува за својата нога со намера да го удави. Приказната завршува со поуката дека тој што копа гроб за друг, сам паѓа во него.
Еден глушец му се молил на една жаба за да го пренесит преку една река, чунки беше чул глушецот оти имало преку реката многу жито за јадење. Многу пати глушецот беше ѝ се молил на жабата за да го пренесит, за да му сторит едно добро; арно ама жабата била многу погана, та неќела да му сторит добро.
Еднаш беше била многу налутена и се погодило тогај да му речит глушецот за да го пренесуат преку река.
— Е ајде, бре глушец ниеден, доста ми додева, еве сега ќе те пренесам де, ама брго најди еден конец подебел и подолг за да се врзиш ти за мојата нога и така да те поминам за да не се удаиш.
Со голема радос глушецот отрчал и нашол еден конец, без да знаит што му мислит жабата. Се врза за негоата нога и за од жабата и се предал на Бог на душа на жабата за да го препливат отаде река.
Тргнала жабата да пливат по река и беше си рекла сама со себе: „Сега ќе ми те гостам, ете, глушец, оти ме најде на пунтот, еве ќе те препливам, ама на дно в река“. Тамам настреде река дошла и нурнала удолу во водата со ниет да го удаит глушецот.
Кога виде пусти глушец оти ќе го носит жабата во дното од реката за да го давит, се опна со сета сила за да се задржит над водата, чунки сети оти ќе умират, а пуста живот ет мила. Ватил да се преврлат преку вода, како некоа риба отруена; шлук, пласкал над водата, туку така борба праел со жабата за да не му се даит да го внесит удолу.
Во тоа време, прелетуал еден штрк и го видел глушецот кај се преаќа над вода, и се снижил над водата, та го чапнал со клунот глушецот и си отишол на седелото со врзаната жаба за нога. Сопрво жабата ја вати за да ја јадит, после глушецо.
Не копај гроб другему, оти сам паѓаш во него!