Волкот, лисицата и камилата
Волкот и лисицата наоѓаат зобница со леб и се караат околу делбата. Камилата се нуди да пресуди и целиот леб го јаде сама, па излегува дека еден печали, а друг јаде.
Волкот и лисицата се здружиле за да ловат лов по планина. Шетале, шетале и ништо не могле да најдат за да уловат.
Слегле од планината в поле. Одејќим по пат, нашле една зобница со леб полна. Фатил волкот да јаде и лисицата му го грабна лебот од уста.
— „Што ми го грабаш, мори лисо, од уста лебот?“ ѝ рече волкот.
— „Како што ти го грабам, бре волчко, лели сме ортаци, што да најдеме братски да си го делиме“, му рече лиса.
Фати волкот и го раздели лебот: троа ѝ даде на лисицата, а повеќето си го остави за него. Се налути лиса и го кошна лебот од пред неа.
— „Бре, да зер толку малце ќе ми даваш ти мене?“ му рече налутена лиса.
Се закараа лисицата и волкот, не можат да се спогодат. На тоа згора ете ти една камила им дошла.
— „Ја стојте, стојте, да видам јас што се карате“, им рекла камилата.
Од кога виде камилата оти волкот делеше неправо и даде помошт за да го дели таа лебот, ама и незе да ѝ дадат дел. Го зеде лисицата лебот, та го дели на сите тројца по токмо. Виде камилата оти и лисицата неправо го дели, го грабна таа да го дели.
— „Ниту волкот, рекла камилата, го дели лебот право, ниту пак ти, кума лисо, ја чекај: да го кренам угоре, да што ќе ви падне тоа грабнете си“.
Го лапна сиот леб в уста и ја крена главата наугоре на долгиот врат и фати да си го јаде лебот. Волкот и лисицата останаа бели во очите. Камилата јади си, тие подголтну си, и по некоја трошка што ќе ѝ паднеше од камилата од уста волкот и лисицата ја збираа, и на неа се тепаа. Бре рипаа, бре скакаа, за да откинат некое парче леб од устата на камилата. Арно ама вратот од камилата ѝ беше долг колку една топола.
„Ете така друг печали, а друг ќе јаде“, рекла лисицата.